Што мислиме едни за други?

prasalnik-edno-web-72

Во многу ситуации не сме ни свесни колку сме полни со предрасуди, стереотипи, мислиме дека нема табуа во нашето општество, а штом воочиме некое, која е нашата прва реакција?

 

Живееме во мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество. Обичните луѓе, посебно тие во мешани етнички средини покажале дека може да живеат едни со други. Барем во најголем дел од случаите. Но, во многу ситуации не сме ни свесни колку сме полни со предрасуди, стереотипи, мислиме дека нема табуа во нашето општество, а штом воочиме некое, која е нашата прва реакција? Широкогради сме или имаме некои граници? Многу прашања за размислување, нели? Но, нема ништо поедноставно и поискрено ако се прашаме меѓу себе што мислиме едни за други и колку добро се познаваме. Дали надворешноста, местото на живеење, облеката нè дефинира? Така, овој пат, прашавме не-Роми што им текнува од прво кога ќе се спомнат Роми?

„Кога ќе го чујам зборот Ром, прво што ми паѓа на памет е дека тие се музикални луѓе, весели, го живеат животот од ден за ден и луѓе што имаат многу деца“, смета Виктор (36) од Штип.

Неговата сограѓанка Викторија (32) пак има малку поинаква перцепција. Еве што мисли таа:

„Можам да ги поделам Ромите во две категории. Првата, каде спаѓаат Роми кои се цивилизирани, вредни, културни и ги прифаќаат сите негативни критики спрема нив, и во последно време се заинтересирани за образование. Но, има и втора категорија на Роми кои не прифаќаат никаква критика, не сакаат да се прилагодат во средината и се многу агресивни кон останатите луѓе. Затоа не може да се етикетираат сите Роми како втората категорија“.

За разлика од штипјани, случајните минувачи на кои наидовме во Скопје пак, имаа целосно спротивно мислење за тоа која е асоцијацијата која ја даваат за Роми?

„На просјаци. Од оние распослани по Камениот мост до овие современиве што шетаат од врата до врата со дете во раце“, вака вели Андријана М. (32) од Скопје.

Прашавме зошто мисли така, од каде толку предрасуди?

„Кажувам така бидејќи тоа е нешто со кое секојдневно се среќавам. И не мислам дека е тоа предрасуда, туку само реално случување, за кои не се виновни самите Роми, туку општеството“, рече Андријана.

Бојан Д. (30) исто така од Скопје, пак, признава дека има предрасуди кон Ромите. Еве го неговото размислување:

„Општо познато е дека тоа се луѓе кои се на дното од општеството, живеат претежно во сиромашни краеви од градот. Тие се ефтина работна рака, претежно се неписмени и токму поради таа неписменост, која владее многу години, не може да си создадат услови за подобар живот.  Но, во последно време има и дел од нив кои што успеале да издигнат посебен социјален статус, да се вклопат во општествените навики, да добијат социјална култура и материјални богатства“.

 

ЕДНО Од каде толку предрасуди, дали сте свесни дека имате предрасуди кон Ромите?  

 

„Да, имам предрасуди. Тие се вградени во мене уште додека сум растел и треба да измине многу време за да може да се искоренат. И мислам дека и самите Роми со своето однесување и самиот начин на живот многу придонесуваат за таквото размислување. На почетокот на плурализацијата на македонсково општество, кога се формира Политичката партија за еманципација на Ромите, помислив дека работите конечно ќе тргнат на подобро. Сепак, ромските политичари наместо да се насочат кон подобрување на состојбата на својот народ, тие го прифатија општиот тренд за лов на фотељи и блискост со Владата за остварување на лична корист. Во тие услови, еманципацијата на Ромите, ќе мора да причека“, смета Бојан.

Прилепчани пак, се многу либерални во своите размислувања, односно оние што ги прашавме како да не ги делат луѓето по националност. Туку, по соседска, другарска, школска линија.

За Маја, Ромите се исто и како другите луѓе и за нив нема некое посебно мислење.

Ромите се многу добри луѓе. Талентирани за секоја работа. Во Прилеп Ромите се единствен народ кои се граѓани, за разлика од не-Ромите кои се доселени од соседните села“, вели Горан.

Моника пак ќе рече:

„До пред 15 години ние, не-Ромите имавме лоши мислења за Ромите, дека се необразовани,  дека тие се единствени што питачат, дека само тие крадат итн. Но, сето тоа мислење е променето бидејќи видовме дека Ромите може да се образовуваат, да се интегрираат во општеството и дека не се тие кои што крадат и не се единствени што  питачат“.

 

1,800 Comments