Светска недела на доењето – Поддршка за мајките што дојат

Бранкица Младеновиќ, управник на Заводот за здравствена заштита на мајки и деца, здравствен дом Скопје во интервјуто за ЕДНО вели дека кај нас ќе се посвети внимание на значењето и користта од доењето

 

Од прво до седми август се одбележува Светската недела на доењето. И Македонија е дел од оваа акција. Бранкица Младеновиќ, управник на Заводот за здравствена заштита на мајки и деца, здравствен дом Скопје во интервјуто за ЕДНО вели дека оваа година се става акцент на обуки на здравствен кадар од породилиштата, особено што голем дел се нововработени и имаат потреба од едукација. Таа вели дека за жал, во постоечките курикулуми (во средните медицински училишта, на медицинските факултети и специјализацијата по педијатрија и семејна медицина), повеќе се изучуваат физиолошките механизми на доењето и бенефитиете од него, додека практичното советување и надминување на проблемите при доењето не се застапени доволно. Поради ова се потребни допoлнителни обуки (in servise), но треба да размислуваме и за дополнување на постоечките курикулуми во иднина, кои треба не само да даваат теоретски знаења туку и да ги обучат здравствените работници за практична работа на конкретни проблеми, смета Младеновиќ.

 

ЕДНО Темата на светската недела на доењето е посветена на поддршката на жените што дојат, а кои работат. Каква е состојбата во Македонија? Законски, на мајката која што работи и дозволен еден час од работното време да одвои за доење.doenje

Д-р Бранкица МладеновиќОваа година, мотото на Светската асоцијација за доење е поврзано со доењето на работното место (Breastfeeding and work, let’s make it work!), со што се потенцира потребата од поддршка на мајките кои дојат да продолжат со доењето откако ќе им заврши породилното отусуство и откако ќе се вратат на работа. На тој начин мајките ќе ја имаат потребната поддршка да продолжат и да го оддржат доењето, а во согласност со препораките на Светската здравствена организација (СЗО) доењето да трае до 2 години и подолго, паралелно со воведување на други видови на храна после шестиот месец.За мајките да можат да го остварат ова свое право, секако дека покрај високата свест за важноста на доењето, потребно е постоечката законската регулатива поврзана со мајчинството да е поволна како во однос на траење на породилното отсуство, така и во однос на правото на вработените мајки на доење. За среќа, постоечката регулатива во Република Македонија во тој поглед е поволна. Овие аспекти се регулирани со Закон за работни односи, според кој: „Работничката за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеци непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) 15 месеци ”(член 165, став 1);„Работничката која го дои детето и по изминувањето на отсуството поради бременост, раѓање и родителство, ќе започне да работи со полно работно време, има право на платена пауза во текот на работното време, во траење од еден и пол час дневно, во кое време се засметува и дневната пауза. Тоа право го има до наполнета една година возраст на детето” (член 171).

 

ЕДНО Се почитува ли ова правило? Какви се правата на вработената мајка?

Д-р Бранкица МладеновиќИако немаме направено истражување со што би утврдиле прецизно дали законските одредби се почитуваат од страна на работодавците, од разговори со мајки кои дојат, се добива впечаток дека одредбите во однос на доењето доволно се почитуваат, па така многу често постои можност мајката да ја користи оваа пауза флексибилно, во време кога неа и одговара. Она што е особено интересно оваа година е препораката на Светската асоцијација за доење да на вработените мајки им се овозможат услови за измолзување на работното место (креирање на посебен простор и услови на самото работно место). Ова е нешто што во нашата земја сè уште не е доволно имплеметирано и на што во иднина би требало да се фокусираме. Доколку мајката нема услови да се одмолзе а е отсатна од домот просечно 9 часа, тогаш е голема можноста количеството на млеко да се намали и да се компромитира доењето.

 

ЕДНОПод кое мото ќе се одбележи оваа недела кај нас? Што конкретно ќе се промовира? 

Д-р Бранкица МладеновиќСекоја земја може да си креира свое мото во зависност од локалните приоритети. Оваа година кај нас акцент ќе се стави на промоција на бенефитите од доењето, поради фактот што сèуште недоволен број на мајки се запознаени со сите бенефити од доењето. Мајки сè уште ја ценат само нутритивната компонента на доењето, малку се информирани за неговата важност за социо-емоционалниот и когнитивниот развој, нешто што е исто така многу важно за севкупниот развој на детето. Воедно, многу често се додаваат и други течности, па така само 23% од мајките дојат екслузивно до 6 месеци (без додавање на други течности како вода, чај, сок), со што повторно се компромитира доењето, како во однос на количеството на создавање на ново млеко така и во однос на должината на доење. Ние во нашиот речник ја имаме таа среќа да самиот збор доење не значи само хранење (како што на пример тоа е во англискиот речник – breastfeeding – хранење на дојка), туку има многу пошироко значење и ги опфаќа сите бенефити од него. Секако, за оваа недоволна информираност не се виновни мајките, туку треба да се работи повеќе на промоција на севкупните бенефити од доењето, и тоа на ниво на здравствен систем така и на ниво на заедница и општество. Друг значаен проблем што сме го детектирале е дека во одредени породилишта поради различни причини (недостаток на персонал на пример), штотуку породените мајки не ја добиваат потребната поддршка, а тоа е потенцирано и со скратениот престој во породилиште (2-3 дена), па многу често мајките си одат дома без да биде воспоставено доењето. Тука на сцена стапува важноста на патронажната служба која во својот мандат има да дава совети за доење. Добрата работа е што генерално мајките во Р. Македонија сакаат да дојат и се многу упорни во тоа, но кога имаат проблем неопходна им е поддршка, а таа не секогаш стигнува навремено. Поради ова, направивме напори информации за доењето идните мајки можат да најдат пред да им бидат потребни. Така во Брошурата за бремени жени која е дел од Мајчината книшка како и во Брошурата за породени жени која се дистрибуира на штотуку породените мајки во породилиштата дадени се информации за важноста на доењето но ми практиќчни совети за спарвување со најчестите проблеми. На овој начин се овозможува потребните информации да бидат на располагање на мајките уште во текот на бременоста со цел полесно адпатирање на доењето после породувањето.

 

ЕДНО Што ново подготвува Комитетот за поддршка и промоција на доењето? 

Д-р Бранкица МладеновиќРепублика Македонија со години наназад ги има имплементирано сите препораки на СЗО кои имаат за цел да го промовираат и заштитат доењето и тоа: имплементација на иницијативата „Болници пријателки на бебињата“ , формирање на Национален Комитет за доење кој има за цел да ги координира активностите за унапредување на доењето, прилагодување на постоечката легислатива во правец на имплементација на Меѓународниот Код за забрана на рекламирање на замената на мајчиното млеко. Воедно, преку Програмата за активна здраствена заштита на мајките и децата на Министерството за здравство, континуирано се спроведуваат активности кои имаат за цел промоција и заштита на доењето, како обуки на здравствените работници за советување за доење, одбележување Светската недела на доење и изготвување на информативни материјали за мајките (Брошура за доење наменета за родители, Мајчина книшка). Исто така, треба да се реафирмираат и обноват иницијативите кои биле започнати одамна, особено да се работи на тоа што поголем број породилишта да останат „пријателки на доењето”. Секоја започната иницијатива, без оглед колку била успешно имлементирана, доколку постојано не се обновува, може да загуби на својот квалитет.Ќе се обидеме да направиме нешто и да им помогнеме на вработените мајки да можат да се измолзуваат на работното место, но за тоа ќе треба интерсекторски приод.

 

ЕДНО Не мора да се потенцира колку е добро мајчиното млеко, како за мајката, така и за бебето. Но, што доколку адаптираното млеко е единствениот начин на хранење на новороденчето? Дали секогаш се инсистира на доење?

Д-р Бранкица МладеновиќСекако дека секогаш кога за тоа постојат услови, треба да се инсистира на доењето. Но, за жал, во одредени ситуации тоа не е возможно и добро е што постојат адаптирани млека. Но, она што е важно е да се направи сè што е потребно и на мајката да ѝ се помогне да го започне и одржи доењето, да не биде воведено адаптирано млеко како последица на тоа што мајката ја немала потребната поддршка. И втора многу важна работа, на мајката да не ѝ се наметнува чувство на вина заради тоа што не дои, без оглед што е за тоа причината. Иако секое бебе има право да биде доено, сепак конечната одлука ја носи мајката.

 

ЕДНО Во последно време, во земјава се појавија дебати околу тоа дека срамен е чинот од доење на јавни места. Многумина го поддржуваат токму зашто тоа е толку природно и невулгарно. Каков е Вашиот став? 

Д-р Бранкица МладеновиќМојот личен став, а колку што ми е познато и на најголем дел на мои колеги, е дека доењето на јавно место не треба да се осудува, а најмалку да се третира како неморален чин. Напротив, треба сè поголем број мајки да се охрабруваат во тој поглед. Голем број на познати јавни личности дојат на јавно место и на тој начин придонесуваат да се намали стигмата околу ова прашање. Неодамна во Аргентина, една парламентарка доеше во парламентот. Сум видела и многу начини да се поттикне доењето на јавни места, како на пример организирање на пикник за доење во градски парк итн. Иако имам впечаток дека во Македонија стигмата околку доењето на јавно место не етака изразена, сепак треба да размислуваме да направиме нешто во таа насока.Тука соработката со невладиниот сектор би ни била од голема помош.

Leave a Reply