Трнливи и заборавени – Три Багреми

story-chicipe-119_1003

Токму за Ѓурѓовден, многумина од населбата Три Багреми ќе бидат потиштетни што нивните сограѓани ќе го слават Ерделез во нивна близина, поради излетничките места во тој дел од Прилеп, а тие ќе немаат што да им дадат да јадат на нивните деца

 

Веднаш над населбата Тризла во Прилеп се наоѓа месноста наречена Три Багреми. Околу 50 Ромски семејства во изминатите години ги изградиле своите домови, физички и симболично оделени од останатиот дел од градот. Дел од нив се барем делумно средени, дел се импровизирани, изградени од картони, најлони, шперплоча, а речиси сите се соочуваат со истите проблеми, урбанистички, социјални, егзистенцијални.

Електричната мрежа нема соодветно напојување, па освен за по некоја сијалица, нема доволно ниту за нормално функционирање на фрижидер или за електричен шпорет.

Состојбата со водоснабувањето е уште полоша. Речиси сите семејства полнат вода од една чешма, а и таа често, како што велат, е непрочистена, односно со сомнителен квалитет. За многумина жители на Три Багреми, неможноста соодветно да се одржува хигиената, во комбинација со квалитетот на водата е извор на многу заболувања, инфекции, алергии. Особено кај децата.

Импровизираните патишта што водат до населбата се земјени и стрмни, па секој дожд или снег дополнително го отежнува пристапот до неа.

За Сузана З. животот во Три Багреми е уште потежок зашто цела зима живеела под шатор со нејзиниот син, на локација за која што тврди дека е во нејзина сопственост. На локацијата, освен камења и трева нема ништо. Има само визија како би изгледал идниот дом на Сузана. Сега живее во друга куќа, веднаш до нејзиното земјиште, привремено, без надомест, но стравува дека секој ден може да остане без покрив над главата за неа и за нејзиното семејство.

„Ова не е моја куќа, не е мој дом. Јас никогаш не лажам и отворено ќе ви кажам – многумина ми помогнале. На крајот на краиштата, луѓето не можат да ми помогнат за сé. Јас разбирам. Но, навистина е несфатливо да се живее во вакви услови. Зарем може некој да живее во вакви услови во ова време?! Нејасно ми е како властите може да дозволат некој да живее без вода, без струја, без нормални услови за живот. Ова не е живот!‟, револтирано коментира Сузана, со еден куп документи во раката, седната на камен на нејзиното земјиште.

Сузана живее со месечна социјална помош од 2.000 денари. Пред две-три недели била кај градоначалникот на Прилеп повторно да се пожали за својата состојба. И ветил дека наскоро ќе и помогне и оти неговите служби ќе се потрудат да и изградат мала куќичка на земјиштето за кое вели дека е нејзино. Моментно чека на остварувањето на ова ветување. Доколку во догледно време нема никаква реакција, Сузана, како што најавува, пак ќе го посети градскиот татко и ќе го потсети на неговото ветување.

 

За политичарите ќе нема пристап

 

Видно разочарани од незаинтересираноста на институциите и општество за нивна инклузија за овие Роми единствено во што редовно можат да уживаат е прекрасниот поглед на градот од едната страна, и Маркови Кули од другата.

„Кај нас политичарите и функционерите доаѓаат само за избори. И досега ни ги земаа гласовите. Ветуваа многу, а речиси ништо од тоа што ни го ветија не е реализирано. Не ни требаат нас повеќе ниту СДСМ, ниту ВМРО, ниту кој било друг‟, велат жители на Три Багреми.

Велат, подобро е политичарите повеќе да не ги посетуваат пред избори, зашто не им веруваат, па залудни ќе бидат нивните обиди да ги придобијат нивните гласови.

Искуството ги научило дека ветувањата на политичарите служат само за нивните гласови на избори. Веднаш по изборите, Три Багреми останува заборавена од институциите. Проблемот со водоснабдувањето одамна не е решен, а нема најава и дека ќе се обезбеди соодветно снабдување со електрична енергија.

Голем дел од децата на семејствата што живеат во Три Багреми одат на училиште и покрај големата сиромаштија и потешкотиите да се одржува хигиената.

„Срамота е овие деца да одат валкани, гладни и боси на училиште. Не заслужуваат да бидат дополнително дискриминирани од другите деца‟, велат жителки на Три Багреми.

 

Ѓурѓовден носи живот, но не и за жителите на Три Багреми

 

Еден од најважните празници за Ромите, Ѓурѓовден или Ерделез се слави на шести мај. Се колат јагниња, се подготвуваат јадења, баклави. Роми велат дека на овој празник мора да има се, од супа, до баклава. Семејствата се заедно, се слави на популарните излетнички места, каде се разделува храна, пијалоци. Еден ден претходно, односно на петти мај, Ромите одат на т.н. самовилец, обичај каде се колат јагнињата. Тие се подготвуваат за следниот ден, за обилниот ручек по повод Ѓурѓовден.

Постарите објаснуваат дека Ромите го слават Ерделез со една и единствена причина – преминот од зима кон лето. Затоа, една недела пред празникот, Ромите ги чистат своите домови. Повторно означувајќи го истото – ја испраќаат зимата, а го пречекуваат летото. Слично како и кај многу други народи, заедници, овој ден е еден вид на фестивал што означува „поубаво‟ време. Се пее, се игра, се весели.

Според верисповедта традициите на Ромите христијани и Ромите муслимани се слични, иако христијаните на овој ден слават два празника, Ѓурѓовден во чест на Свети Ѓорѓи и Ерделез, односно преминот од зима во лето.

Многу од Ромите од Прилеп овој празник го поминуваат токму во месноста Три Багреми, или веднаш до неа. Токму за овој ден, многумина од населбата Три Багреми ќе бидат потиштетни што нивните сограѓани ќе го слават Ерделез во нивна близина, поради излетничките места во тој дел од Прилеп, а тие ќе немаат што да им дадат да јадат на нивните деца.
 

 

[galleryview id=16]

2,456 Comments