Во ЕУ има стандард, во земјите од Декадата – остварување

DSC_0141-800x600

Ромите не се вклучени во општествените текови и се чувствуваат дискриминирани, вели Славица Тасевска-Симоновиќ, автор на труд посветен на интеграцијата на Ромите како во ЕУ, така и во Македонија

 

„Интеграција на Ромите во Европска унија и Република Македонија“ е темата на магистерскиот труд на Славица Тасевска-Симоновиќ, која од 2008 година е дел од тимот на Здружението Национален ромски центар (НРЦ) од Куманово. Тасевска ги завршила последипломските студии на Институтот за социологија, насока по Европски студии. А, работното искуство во НРЦ, како што вели, ѝ помогна одблиску да се запознае со проблемите со кои се соочуваат Ромите, нивниот начин на живот, културните вредности, обичаите, традицијата…

ЕДНО: Зошто ја избра токму таа тема?

Тасевска-Симоновиќ: Изборот на темата за овој магистерски труд произлезе како резултат на повеќе аспекти, меѓу кои е и актуелноста на ова прашање за Македонија како држава која е аспирант за членство во Европска унија. Во секој извештај за напредокот на Република Македонија се обработува и прашањето за напредокот при решавањето на проблемите со ромската заедница во делот на човековите права и заштита на малцинствата. Друг аспект за избор на оваа тема беше моето повеќегодишно работно искуство во ромски здруженија и блискоста што ја чувствувам со оваа заедница како резултат на тоа искуство. Од 2008 година станав дел од тимот на Национален ромски центар, меѓутоа и претходно од 2002 година веќе имав искуство во ромското здружение кое беше претходница и прерасна во она што денес е Националниот ромски центар.

ЕДНО: До кои резултати дојде, истражувајќи за твојот магистерски труд, кои се главните проблеми со кои се соочуваат Ромите?

Тасевска-Симоновиќ: Она што во овој магистерски труд се потврди во однос на ова прашање беше идентификување на социо-економски проблеми, дискриминација, сегрегација, ограничен пристап до поквалитетно образование, проблеми со вработување, мали примања, лошото здравје, проблеми со домување, непоседување на лична документација, миграција, недостаток на објективни податоци за оваа популација… Историски гледано, бидејќи Ромите ретко имале свој посед и искуство во обработка на земја, тие станувале ефтина работна рака во тешката индустрија кои доживеале подем во индустрискиот период и после тоа следел колапсот, а со тоа и Ромите останале без работа. Влошувањето на состојбата и условите за живеење кај Ромите настанало по распадот на социјалистичкиот систем и тие се нашле на работ на општественото живеење. Сегрегацијата како проблем, која ги имплицира сите останати проблеми со кои се носат Ромите е особено видлива преку споредба на животот во ромските маала и животот на Ромите во останите делови на градот, кои живеат интегрирано помеѓу останатото не-ромско население. Затворањето на Ромите и самоизолирањето кое е случај во т.н. ромски маала или гетоизирани населби е  резултат на недоверба кон останатиот свет која се креирала со текот на времето поради бројните стереотипи и дискриминација кон Ромите, степенот на образованието и потребата (или не) да се запознае другиот. Тоа незадоволство поради долгодишната исклученост од општеството е причина за наталожените и сложени проблеми кај ромската заедница. Предрасудите и стереотипите кои се врзуваат за Ромите и се пренесуваат со генерации креираат една слика за ова население која ги става во улога на „жртви“. Оваа слика за Ромите како „жртви“ ги става во позиција на пасивни субјекти кои не се во состојба самите да си помогнат себе си и да направат нешто за себе. За да се промени таквата состојба, потребни се активности кои ќе влијаат позитивно на креирање на сликата за себе и за нивното охрабрување, потребна е мотивација и уверување дека јас како Ром/ка можам да направам нешто повеќе од моите родители.

Ромите како одлучувачи, а не како жртви

ЕДНО: Кои се главните разлики во проблемите на Ромите во ЕУ и во Македонија? Има разлики, нема разлики, ако нема, зошто мислиш дека нема…?

Тасевска-Симоновиќ: Она што генерално може да се издвои како заедничко за Ромите, без разлика каде живеат е состојбата во која се наоѓаат и предизвиците со кои се соочуваат. Ромите не се вклучени во општествените текови и се чувствуваат дискриминирани. Со економската криза, социо – економската состојба со Ромите уште повеќе се влошила, што е логично, ако се земе предвид дека Ромите се најслабата алка во општеството. Разликата е во тоа што европските земји се поразвиени и имаат поразвиена економија и социјални пакети во однос на Република Македонија.

ЕДНО: Има ли соодветни акции и стратегии за решавање на проблемите?

Тасевска-Симоновиќ: Проблемите со кои се соочува оваа заедница се препознаени од страна на политичките фактори на европско ниво и оставен е простор да се делува во насока на подобрување на ваквата слика. Преземањето на повеќе меѓународни иницијативи како што е Декадата за вклучување на Ромите 2005-2015 година ја покажува заинтересираноста на високите политички инстанци, не само да го актуелизираат оваа прашање, туку прашањето се наоѓа на агендата за решавање. Ова подразбира и креирање стратегии и издвојување на средства за таа намена. На ниво на Европска унија се преземени бројни заложби за интегрирање на најмаргинализираното малцинство што живее во ЕУ. Заложбата кон унапредување на оваа реално лоша состојба во која живеат Ромите е видлива на повеќе нивоа и се гледа преку повеќе иницијативи кои се преземени во насока на донесување на политички решенија кои би биле можен начин како да се започне процесот. Но, ако се погледне реално и ако се прашаат самите Роми колку е сменета нивната состојба од 2005 година па досега, може да се увиди дека има извесни поместувања, особено на полето на образованието, но сепак, сиромаштијата и она што ги мачеше е сé уште присутно во нивниот живот. Спроведувањето на овие политики за Ромите се овозможени со помош на средства од странски донатори и како носител на овие програми е граѓанскиот сектор, додека, државите се многу малку вклучени како носители на активностите.

Користењето на Структурните фондови како можност и при остварување на целите за инклузија на Ромите, Европски самит за Ромите, Европската платформа за инклузија на Ромите, Десетте основни принципи за инклузија на Ромите се показател за политичките заложби за да се постигне прогрес во однос на инклузијата на Ромите. Но, Европската комисија објавила дека земјите членки не ги користат соодветно средствата од ЕУ за целите на ефективно социјално-економската интеграција на Ромите. Наведено е дека недостаток на знаење како и капацитетот како да се апсорбираат парите од ЕУ за овие намени е придружено со слаби инклузивни стратегии.

ЕДНО: Каде се поуспешни акциите, во Европа или кај нас, во МКД?

Тасевска-Симоновиќ: Според некои проценки за напредокот на државите при решавање на проблемите на Ромите се заклучува дека земјите кои се дел од Декадата за вклучување на Ромите покажуваат подобри резултати во однос на земјите кои се членки на Европската унија, а не се дел од оваа иницијатива. Ако се земе предвид дека економската моќ на земјите во ЕУ е поголема, а имаат помал напредок по ова прашање, може да се заклучи дека тоа не е фактор за напредок при решавање на прашањето за Ромите. Македонија е дел од Декадата за вклучување на Ромите и на ниво на државна политика по оваа прашање постои и национална стратегија според која треба да се делува и оперативни акциони планови. Но, спроведувањето на овие политики најчесто се реализираат од страна на граѓанските организации со средства и поддршка од меѓународни фондации.

ЕДНО: Твое видување за блиска иднина? Ќе се продлабочуваат проблемите, ќе се решаваат?

Тасевска-Симоновиќ: Бидејќи станува збор за комплексни парашања и за проблеми кои се таложеле подолго време, логично е дека е потребно време и креирање на процес кој ќе има ефективен пристап и соодветни адресирања на прашањата за да се постигнат некакви резултати и подобрување. Меѓутоа, ова бара заеднички напор од сите активни чинители кои се вклучени во креирањето на проблемите. Она што според мене е важно и што би требало да се има предвид во пристапот со третирање на овие прашања е тоа што сметам дека довербата кај ромската заедница може да се врати доколку и самите Роми се третираат како фактор кој може да одлучува, а не на нив да се гледа само како на етничка група која има потреба од помош.

 

 

495 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.