За бремените Ромки да нема партиципација!

vecer

Вечер

 

Околу 50% од жените Ромки кои одат на породување не знаат која крвна група се и кој РН-фактор. До овие резултати дојде граѓанската организација Национален ромски центар која лани вршела анализа кај родилките од реонот на Куманово, Кочани, Штип, Крива Паланка и од Битола. Токму затоа тие годинава почнуваат нов проект со што сакаат да им помогнат на сите жени кои се дел од социјално загрозените семејства во земјава полесно да ги реализираат своите лекарски прегледи додека се бремени.

Тие сметаат дека овие жени треба да будат ослободени од партиципација, бидејќи за некој што прима социјална помош и 50 денари се многу за нивниот скромен семеен буџет. Ова беше посочено на работниот состанок кој се одржа во Скопје на тема “Преку засилен глас до подобри здравствени услуги” организиран од Националниот ромски центар. На дебатата беше најавено дека на оваа тема треба да разговараат со претставниците на Министерствата за здравство и труд и социјална политика, како и со претставници на Фондот за здравствено осигурување со цел да се зголеми пакетот на здравствени услуги и без партиципација да се користат сите дополнителни прегледи што трудницата треба да ги реализира за време на нејзината бременост.

Според нив неопходно е да се надгради програмата со која на овие ранливи категории им се овозможува бесплатната здравствена заштита, бидејќи само така ќе се подобри и квалитетот на репродуктивното здравје на Ромките, но и на сите жени од земјава кои се среќаваат со социјални и финансиски тешкотии.(В.Ма.)

1,171 Comments