За некои месечна социјална помош, за други пари што се трошат за пет минути

DSC01359-sajt

За едночлено семејство, таа изнесува 2.174 денари, за двочлено – 2.979 денари, за семејство со три члена социјалната помош е 3.784, 4.558 денари изнесува помошта за четиричлено семејство, а за петчлено пак, таа е 5.393 денари

 

Намален е бројот на корисници на социјална помош во Куманово. Ваква вест беше објавена пред извесно време. Но, во Министерството за труд и социјална политика велат дека бројот на корисници на социјална помош е намален генерално во целата држава. Во ресорот објаснуваат дека неажурирана документација за да се продолжи примањето социјална помош е една од причините зошто е намален бројот на корисници на ваква помош од државата. Така на пример, на почетокот на годината, кога се обновувала документацијата, бројот на корисници на социјална помош бил 5.050, а по завршувањето на процедурата – 4.130 семејства, односно 970 луѓе го изгубиле правото на социјална помош.

Но, обновувањето на документацијата по сé изгледа не беше единствената причина за губење на правото на социјална помош. Последните неколку месеци бевме сведоци на случаи, каде граѓани го губеа правото на социјална помош зашто Управата за јавни приходи кај некои од нив наоѓала приходи за кои немало пријавено основ од каде се тие пари. Во најголем дел од случаите се работеше за 100, 200, па и за 500 денари. Најексплицитен беше примерот објавен во дневниот весник Вест, каде корисник ја изгубил социјалната помош затоа што испратил рецепт до телевизиската емисија за готвење, насловена како Храна и вино и добил паричен надомест за тоа.

-Не смееме да дозволиме луѓе да го губат правото на парична помош само затоа што на сметка имаат 100, 200, па и 500 денари. Размислуваме да предложиме луѓето кои што користат социјална помош, да може да остваруваат до 10 илјади денари годишно некаков приход, а притоа да не ја изгубат помошта од државата. Зашто сите сме свесни дека социјалната помош е многу ниска, велат во Министерството за труд и социјална политика.

Висината на социјалната помош, според објаснувањата на ресорното министерство и Центрите за социјална работа, во Македонија се определува согласно бројката на членови на семејството. Така, за едночлено семејство, таа изнесува 2.174 денари, за двочлено – 2.979 денари, за семејство со три члена социјалната помош е 3.784, 4.558 денари изнесува помошта за четиричлено семејство, а за петчлено пак, таа е 5.393 денари. Такви износи добиваат лица што за првпат поднесуваат барање за користење парична помош. Граѓаните кои повеќе од три години користат социјална помош, добиваат за 50 отсто, односно за половина помал износ.

 

За колку време може да се потрошат 2.000 денари?

Тргнувајќи од овие законски одредени параметри, земајќи ја предвид најниската парична помош, а притоа имајќи го фактот дека во Македонија има семејства кои одвај преживуваат со меѓу 2.000 и 3.000 денари, решивме по случаен избор да прашаме жители од Скопје, Штип, Куманово и од Прилеп за колку време тие трошат 2.000 денари.

Така, Сузана (42) од Скопје вели дека толку пари троши за четири дена и тоа претежно за јадење. Трајан (40) исто така од Скопје таа сума ја троши за едно пазарење во супермаркет. Оваа сума за Љубинка (55) е доволна за пролетна обнова за нови цвеќиња во нејзината градина, додека за Џемиле (35) – за нови завеси. И двете велат дека 2.000 денари би ги потрошиле за нецел ден. Мнозинството случајни минувачи на кои наидовме во Штип пак, кажуваат дека 2.000 денари најчесто трошат купување на прехранбени продукти. Но, интересно е времето во кое тие ја трошат оваа сума пари. Нефка М. (35) вели дека се случува 2.000 денари да потроши за 15 минути и тоа за храна, која за нејзе и за нејзиното семејство би им траело 10 дена. На Наџие О. (55) пак, како што вели, и се потребни 20 минути да потроши 2.000 денари. И таа вели дека тие пари претежно ги троши за храна. Игбал А. (25) 2.000 денари троши за пет минути и тоа да си купи некоја убава блуза или фустан. Прилепчани на кои им го поставивме ова прашање, одговорија дека оваа сума најчесто ја користат за пазарување на храна, која во принцип им трае по неколку дена. Така, Сами вели дека со 2.000 денари може да помине една недела доколку, како што вели, парите се трошат рационално. Самит вели дека со 2.000 денари купува храна за него и за неговото семејство и со тие залихи поминуваат од седум до десет дена. Шехерезада пак, има малолетно дете и согласно тие потреби, толку пари троши за храна која и трае три до четири дена.

Кумановци дадоа различни одговори. Еден кумановец вели дека троши 2.000 денари за само една сметка за струја и за ништо друго, друг пак, за едно излегување во град. Една кумановка, пак, тврди дека 2.000 денари може да потроши за две недели, но само за купување цигари и за ништо друго. Нејзин сограѓанин посочува дека 2.000 денари троши за гориво за неговото возило и тоа за една минута.

 

[box]

Студенти на пракса за социјалната заштита

Студентите од Институтите на Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а кои се од сферата на социјалната помош ќе одат на пракса во државните институции кои се занимаваат со такви услуги, јави МИА на почетокот на март. Институтите пак, ќе доделат осум школарини за деца од семејства-корисници на социјална помош. Затоа, како што пренесе агенцијата, скопскиот универзитет и Министерството за труд и социјална политика потпишаа меморандум за соработка, кој меморандум според деканот на Филозофскиот факултет Горан Ајдински, се издигнува нивото на соработка помеѓу овие институции.

– И досега имаше практична обука, но со овој Меморандум таа се издигнува на повисоко ниво. Сега точно ќе се знае каква практична работа ќе треба да изведува секој од четирите стручни профили – дефектолог, психолог, педагог и социјален работник. Исто така предвидено е институтите да дадат осум школарини, по два за секој од институтите, за сиромашните. Меморандумот предвидува и школарини втор циклус студии за вработените од Министерството за труд и социјална политика, рече Ајдински додавајќи дека договореното ќе почне да се применува од наредната година. [/box]

 

 

 

[galleryview id=11]

3,061 Comments