Загрижувачки ниско ниво на вакцинација кај децата Роми на предучилишна возраст

foto4

За одредени вакцини опфатот сè уште е понизок од националниот просек и се движи од 63% до 100% во општините каде што е спроведено истражувањето насловено како „Опфат на децата Роми со вакцинајцијата и превентивни здравствени услуги: состојба, проблеми и решенија”

 

Во периодот од 2012 до 2014 година се забележува тренд на подобрување на опфатот со вакцинација кај предучилишните деца од ромска националност, меѓутоа опфатот со вакцинација на ромските деца на училишна возраст е на загрижувачки ниско ниво. Ова е генералниот заклучок од надоите на истражувањето за опфатот на децата Роми со вакцинација, како и во однос на имплементацијата на мерките предвидени со превентивните програми на Министерството за здравство – Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата и Програмата за систематски прегледи.foto3

Овој, како и други резулати од истражувањето беа презентирани на јавна дебата и конференција за печат на тема  „Имунизација и превентивни здравствени услуги за децата Роми во Република Македонија“, која се одржа на 24 април годинава во Скопје. Тие беа претставени од страна на граѓанските организации Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ – ЕСЕ, Центарот за демократски развој и иницијативи – ЦДРИМ, Здружението на просветни работници и заштита на правата на жените и децата – ЛИЛ, и НВО КХАМ, а со финансиска поддршка од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

На јавната дебата граѓанските организации ги презентираа наодите од истражувањето на полето на мониторинг во заедницата  во периодот од 2013 до 2014 година во општините Ѓорче Петров, Сарај, Карпош, Шуто Оризари, Пехчево – с. Црник,  Делчево и Виница.

Во истражувањето насловено како „Опфат на децата Роми со вакцинајцијата и превентивни здравствени услуги: состојба, проблеми и решенија” пишува дека опфатот со вакцинација на децата Роми на возраст од 0 – 6 години бележи пораст за разлика од 2012 во одредени општини, додека во одредени општини бележи опаѓање. За одредени вакцини опфатот сè уште е понизок од националниот просек и се движи од 63% до 100% во општините каде што е спроведено истражувањето.

 

Недостатоци на терен

 

Опфатот на децата Роми на возраст од 7 до 15 години со вакцините кои се даваат во училишниот период е на загрижувачки ниско ниво и се движи од 35% до 93%. Оваа состојба пред се сè должи на тоа што дел од децата Роми воопшто не одат или не посетуваат редовно училиште. Вкупно 27% од децата Роми од општините Ѓорче Петров, Карпош и Сарај не посетуваат редовно училиште, додека истото е случај кај 6,4% од децата од Шуто Оризари.

Ромските семејства не се опфатени со патронажни посети во број и обем како што е предвидено со Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. Иако во Програмата се предвидени 9 посети кај жените Ромки, истражувањето покажа дека жените Ромки во Шуто Оризари во просек се посетени 1,4 пати, а во општините Ѓорче Петров, Сарај, Карпош, Делчево, Пехчево и Виница во просек се посетени 2,8 пати во тек на 2013 година.

Активностите кои се предвидени да се спроведуваат во ромските средини од Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата и Програмата за систематски прегледи, како што се здравствени едукации и делење на здравствено едукативни материјали не се спроведуваат соодветно на планираното во ромските средини. Имено ниту еден од испитаниците Роми ниту присуствувал на овие здравствени едукации ниту слушнал дека истите се одржале во нивните населби, додека многу мал број од Ромите добиле едукативен материјал за вакцинација.

Во одредени општини (Карпош – Злокуќани, Пехчево – с. Црник), оддалеченоста на ромските населби од Здравствените домови претставува сериозен проблем за носење на децата на редовна вакцинација, пред се бидејќи мораат да плаќаат за превоз за да ги однесат децата на вакцинација.

 

Неопходни препораки

 

Истражувањето нуди и препораки. Така, со цел да се унапредат состојбите и да се зголеми опфатот на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги се предлага усвојување и имплементирање на следните мерки и активности, кои се предложени во консултација со ромската заедница:

-Формирање на мобилни тимови за идентификација на невакцинирани деца од ромските и руралните заедници и нивна вакцинација, со посебен акцент на деца кои се надвор од образовниот систем.

-Формирањето на тимовите да биде на ниво на региони. Овие тимови ќе можат континуирано да вршат идентификација и вакцинација на децата во текот на целата година.

-Доследно спроведување на едукативните работилници во ромски средини предвидени во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2014 година и Програмата за систематски прегледи на ученици и студенти за 2014 година.

Истражувањето покажа дека досега иако овие работилници се предвидени со Програмите, истите не се спроведуваат соодветно во ромските заедници. Истото се однесува и за здравствено едукативните материјали, односно потребно е истите соодветно да бидат дистрибуирани во ромските населби. Приоритетни ромски населби каде што треба да се спроведат здравствено едукативните активности ќе бидат доставени од страна на граѓанските организации до соодветните Здравствени домови.

 

-Вработување на две патронажни сестри Ромки, една во поликлиниката во Ѓорче Петров и една во поликлиниката во Шуто Оризари. Поголемиот број на патронажни сестри ќе овозможи зголемен опфат на децата Роми со овие здравствени услуги, додека вработувањето на патронажни сестри од самата заедница ќе го олесни пристапот на оваа служба во ромските заедници.

 

-Вработување на курири од ромската заедница за доставување на поканите за вакцинација. Вработувањето на курири од самата заедница ќе овозможи соодветна достава на поканите во ромските населби. Покривање на трошоците за превоз за носење на вакцинација на сите деца чие место на живеење е оддалечено над 2 км од здравствениот дом или поликлиниката.

 

Целосното истражување може да го најдете на следниот линк:http://esem.org.mk/pdf/Sto%20rabotime/2014/1/Opfat%20na %20decata%20Romi%20so%20vakcinacija.pdf

3,272 Comments