Здравје без предрасуди

Соопштение за јавност

 

Во Македонија годишно во просек се раѓаат 23.256 деца, додека просечниот број на мртвородени деца изнесува 227. Дури 1.745 деца се родени со ниска родилна тежина која меѓу најзначајните фактори за потребата од дополнителна медицинска нега и третман на децата. Причините за појавување на компликации по породувањето, како и релативно големиот број на мртвородени деца најчесто се должат на недоволната медицинска нега, односно недоволното медицинско надгледување на бременоста кај жената.

 

Затоа, антенаталните прегледи се клучни за избегнување на сите овие појави.

Истражувањето на Националниот ромски центар (НРЦ) од Куманово во 2011 година, како и теренската работа во 2012 и 2013 година покажа дека од 102 жени – Ромки од Куманово, Кочани, Штип, Крива Паланка и од Битола, на возраст помеѓу 15 и 35 години, околу 50 отсто не го уживаат своето право на репродуктивно здравје. Нееднаквиот третман, административните и финансиските пречки, невработеноста, социјалната исклученост и недостатокот од самодоверба се факторите зошто ситуацијата е таква. Сите тие жени се социо-економски загрозени и немаат пари да одат на лекар, ниту да ги плаќаат гинеколошките услуги.

Околу 8.587 жени корисници на социјална помош се во репродуктивен период, или околу 1.64 отсто од вкупниот број на жени во репродуктивен период. Согласно последните достапни официјални податоци, според Пописот од 2002 година, во Македонија има 522.355 жени во репродуктивен период.

 

Ако се земе предвид дека во изминатите десет години, во Македонија на годишно ниво во просек се раѓаат по 23.256 деца, а 227 се мртвородени, излегува дека 1,64% од вкупно 23.483 бремени жени во државава или 381 бремена жена годишно е корисник на социјална помош.

Социјалната парична помош за 2012 година за едно семејство и домаќинство со пет и повеќе члена (100%) месечно била 5.515 денари. Од друга страна пак, основниот гинеколошки пакет со ехо е со референтна цена од 800 денари, а проширениот гинеколошки пакет со колпоскопија е 1.240 денари.

Антенаталната здравствена заштита во Македонија за прв пат е регулирана во 2010 година, кога е донесено упатство за начинот на вршење здравствена дејност која се однесува на антенатални контроли во бременоста. Но, во Стратегијата за безбедно мајчинство 2010-2015 година е утврдено дека националните клинички упатства за антенатална грижа се застарени и дека тие треба да се ревидираат. Оттогаш, досега не е ништо направено.

Затоа, Националниот ромски рентар, преку проектот „Преку засилен глас до подобри здравствени услуги” има за цел на надлежните институции и на креаторите на политики во областа на здравството да им укаже дека здравствените услуги не се еднакво достапни за сите. Водејќи се од основното човеково начело дека јавните здравствени услуги треба да им бидат достапни на сите граѓани во Република Македонија, НРЦ во идниот период од нив ќе инсистира да се направи програма за бесплатни здравствени услуги за социјално-загрозените жени во Македонија. За мајките да бидат здрави. Идните поколенија да бидат здрави.

Европската Унија веќе го покрена прашањето за реформирање на здравствените системи во земјите-членки, со цел да се обезбедат еднакви можности за еднаков пристап до квалитетна здравствена заштита, како и да се обезбеди поефикасно користење на јавните ресурси. ЕУ се залага за универзален пристап до здравствени услуги кои може да доведат до намалување на сиромаштијата и за борба против социјалната изолираност. Можеби е време и ние да почнеме со ревидирање на пристапот до здравствените услуги во Македонија, со цел да се избегне дискриминацијата кон оние што не може да си дозволат да се лекуваат.

По повод меѓународниот ден на здравјето, 7 април и по повод меѓународниот ден на Ромите, 8 април, прашуваме – Сакаме да имаме здрава нација (здрави мајки и деца) без никакви предрасуди и стереотипи или не?

Leave a Reply