Здравјето на Ромите и нивниот пристап до здравствената заштита од родов аспект

zdravjeto

Истражување на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените –ЕСЕ од Скопје

 

Досегашните истражувања и работата на терен укажуваат дека неповолните социоекономски и животни услови, проследени со бариерите во пристапот до здравствените услуги, придонесуваат за понеповолен здравствен статус на Ромите. Дополнително, имајќи ја предвид понеповолната положба на жените, а особено на жената Ромка во нашето општество, исклучително е важно да се истражи меѓусебното влијанието на полот врз повеќе параметри што се однесуваат на здравствениот статус, пристапот до здравствената заштита и остварувањето на здравствените права на мажите и жените Роми.Zdravjeto na Romite - ESE

Имено, предмет на анализа во ова поглавје е влијанието на полот врз обемот, видот и врз квалитетот на користените здравствените услуги специфични за женската и машката ромска популација, притоа опфаќајќи ги здравствените услуги кај матичните лекари, здравствените услуги од итната медицинска помош и специјалистичката и болничката здравствена заштита. Дел од анализата ги опфаќа аспектите на пристап и квалитет на здравствените услуги, како и правата на пациентите мажи и жени Роми. Воедно е анализирано и влијанието на полот врз оценката за сопственото здравје, односно самопријавената здравствена состојба, акутните и хроничните заболувања на мажите и жените Роми.

Сите параметри во ова поглавје се анализирани преку споредба на ромското женско население (393 испитаници) и ромското машко население (298 испитаници).

 

ЗАКЛУЧОЦИ

 

ЗДРАВСТВЕНА СОСТОЈБА

Припадноста кон одреден пол има видно влијание врз оценката на сопствената здравствена состојба. Мажите Роми во повисок процент го оценуваат своето здравје како многу добро, за разлика од жените Ромки. Здравствената состојба е понеповолна кај жените Ромки, при што кај нив постои поголема застапеност на сексуално преносливи инфекции, како и хронични здравствени проблеми што бараат редовни здравствени услуги.

 

ПРИМАРНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

Полот нема значително влијание на покриеноста со матичен лекар, како и на користењето на услугите од примарната здравствена заштита. Имено, речиси еднаква е покриеноста со матичен лекар кај мажите и жените Роми и подеднакво им биле обезбедени услугите од итна медицинска помош.

 

СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО-КОНСУЛТАТИВНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

Иако полот нема влијание врз генералното користење на специјалистичко-консултативните здравствени услуги, сепак полот како детерминанта влијае на обемот на услугите што се реализираат во одредени установи, како што се општа, односно клиничка болница и здравствен дом. Бројот на посети од страна на жените Ромки во наведените здравствени установи е речиси за двапати повисок од бројот на мажите Роми во истите наведени установи. Припадноста на машки, односно женски пол влијае незначително на задоволството од односот на лекарот специјалист и квалитетот на здравствената услуга. Па така, повеќе од половина од мажите и жените Роми и во речиси идентичен процент се сосема задоволни од односот на лекарот специјалист и од квалитетот на здравствената услуга.

 

БОЛНИЧКА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

Користењето на услугите од болничката здравствена заштита е незначително поизразено кај жените Ромки. Аналогно на ваквата состојба, жените Ромки исто така повеќе се задоволни од односот на лекарите и медицинскиот персонал и од здравствените услуги при престојот во болничка здравствена установа.

 

ПРАВА НА ПАЦИЕНТИТЕ

Полот нема влијание врз остварувањето на правата на пациентите во значителна мера, со исклучок на правото на пристап до медицинско досие, кое повеќе го побарале и го обезбедиле Ромките.

 

ПРИСТАП ДО ЛЕКОВИ

Полот нема влијание врз пристапот до лекови што се препишани од лекар и се наоѓаат на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Имено, жените и мажите подеднакво и во скоро идентичен процент се соочиле со недостаток на лекови во аптека на товар на ФЗОМ.

 

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Нељубезниот однос и лошото однесување од страна на лекарот специјалист е карактеристичен и за мажите и за жените Роми. За разлика од третманот кај лекар специјалист, кон мажите Роми се однесувале понељубезно и полошо при престојот во болница.

 

Автори на ова истражување се Борјан Павловски, Дарко Антиќ, Јасминка Фришчиќ, Марија Гелевска и Стојан Мишев од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените –ЕСЕ. Издавач на публикацијата е Фондацијата Отворено Општество – Македонија.

 

Публикацијата со целосното истражување на ЕСЕ може да го најдете на следниот линк: 

http://www.esem.org.mk/pdf/Publikacii/2014/Zdravjeto%20na%20Romite %20od%20rodov%20aspekt%20MK.pdf

1,782 Comments