Здравствените нееднаквости презентирани во Женева

govor101213

Невладини организации од Македонија ја презентираа состојбата со човековите права пред постојаните странски дипломатски мисии во Женева на сесијата за Универзалниот Периодичен Преглед (Universal Periodic Review – UPR).

 

Националниот ромски центар присуствуваше на сесијата за претставување на Универзалниот Периодичен Преглед (Universal Periodic Review – UPR), на која невладини организации од Македонија ја презентираа состојбата со човековите права пред постојаните странски дипломатски мисии во Женева, Швајцарија. Сесијата се одржа на 29 ноември 2013 година, во Обединетите Нации. Александар Данилов кој е дел од тимот на проектот „Преку засилен глас до подобри здравствени услуги” беше претставник на НРЦ во Женева.

Марија Гелевска, заменик извршен директор и координатор за мониторинг на човекови права и обезбедување правна и психолошка помош на ЕСЕ Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Република Македонија на сесијата ја презентираше состојбата со човековите права во земјава, осврнувајќи се на здравствените права, особено на здравствените права кај Ромите.

 

 

 

 

 

Придонесот на Национален ромски центар во поднесувањето на Универзалниот Периодичен извештај беше насочен кон прашања како ограничен пристап до здравствена заштита на социјално ранливи категории на граѓани на Република Македонија и нееднаков пристап до антенаталната заштита и до здравствени услуги за време на репродуктивниот период. Тој беше поткрепен со претходните активности на организацијата на ова поле кои опфаќаа теренски истажувања и

интервјуа со жени Ромки, спроведени во 2011 година. Во рамки на кампањата „Преку засилен глас до подобри здравствени услуги” се подготви правна анализа на законодавството во Република Македонија од областа на антенаталната заштита и проценка за финансиските импликации од предложените мерки на НРЦ.

Во поднесокот, како клучни проблеми беа нагласени недоволниот пристап до јавните услуги, слабата покриеност на Ромите со здравствени услуги и случаите на дискриминација во системот на здравствената заштита. НРЦ во своите истражувања ги има документирано дел од случаите на дискриминација на жените Ромки при добивањето здравствени услуги кај одредени матични гинеколози.

Во поднесокот од коалицијата на невладини организации, кој се однесува на здравјето на Ромите се идентификувани дел од проблемите и предизвиците:

  • Лошата социо-економска состојба, оневозможува Ромките да ги покријат трошоците за партиципација за болничко лекување и терапија при породување,
  • Ромките имаат полоша општа здравствена состојба во споредба со остатокот од населението,
  • Незадоволителна/слаба имплементација на Здравствените програми во кои се вклучени Ромите и недоволно издвоени средства за остварување предвидени активности,
  • Ограничен пристап на жените Ромки до гинеколошки услуги поради недостиг на лекари специјалисти во јавни здравствени установи и неразвиена здравствена инфраструктура во областите каде живеат Ромите,
  • Недостиг на официјални податоци на национално ниво за најчести заболувања помеѓу ромската популација.

Извештајот на македонските граѓански организации ќе биде разгледан на осумнаесеттата сесија на работната група во јануари и февруари 2014 година. Тогаш ќе се дадат препораки кои ќе бидат испратени до властите во Република Македонија.

 

1,597 Comments