Живот во „кланица“

sajt-Stip-12

Десетина ромски семејства веќе пет години живеат во објект на Старата Кланица во падините на Исар, во Штип

Сместена под падините на Исар и веднаш до водите на Брегалница, далеку од очите и мислите на граѓаните, на локалната и на централната власт, се наоѓа објектот на Старата Кланица во Штип. Објект полн со историја. Исполнет со докрај неоткриени археолошки богатства, со аура на едно сосема поинакво време, заборавено од сегашноста. Старата Кланица повеќе од пет години е и дом на десетина ромски семејства.

Додека неколку дечиња трчаат и играат безгрижно, постарите членови на семејствата се обидуваат да ги поправаат, да ги закрпат дупките во ѕидовите, во вратите и прозорците, поради кои не може соодветно да ги затоплат своите домови. Тоа е сликата која во ова време од годината ќе ве пречека ако патот ве навее кон Старата Кланица. Заедно со миризбата што неодоливо потсетува за не така дамнешното минато на објектот.

И веднаш станува јасно колку тешки приказни има во овој објект исполнет со парадокси. Од оние за смртта на нецели две години старото дете, чиј живот трагично згасна во водите на Брегалница која поминува веднаш до објектот на Старата Кланица, па сé до секојдневието и приказните на семејствата што со генерации се изолирани од системот.

И не може, а да не станат веднаш очигледни парадоксите што ги следат овие семејства и кои по некоја случајност се вгнездиле заедно со нив во објектот на Старата Кланица.

Едниот е секако непостоењето на волја на властите со години да помогнат овие семејства да се интегрираат во системот и покрај фактот што исто толку години тие на некој начин се и товар на државата бидејќи во најголем дел се корисници на социјална помош.

 

Покрај сиромаштијата проблем е и дискриминацијата

Неразбирливо е како властите не успеале да и помогнат на ниту една генерација од овие семејства за да се едуцираат соодветно, да се вработат, да овозможат подобар живот на идните поколенија. Да се прекине низата и историјата да се смени подобро веќе за оние неколку дечиња што сé уште безгрижно играат.

„Имам пет деца. Не можам да ги пуштам на училиште зашто немаме пари ниту за облека, ниту за книги и тетратки, а ниту за јадење. Имам 40 години, а сé уште немам ниту еден ден работен стаж. Луѓе на моја возраст веќе имаат по 20 години работно искуство зад нив. Сакам да работам. Подготвен сум да работам. Физички сум здрав и подготвен за работа. Но, потребна е помош од властите да се најде работа. Никој не се обидува да ни помогне за вработување. Сé уште има дискриминација. Зарем некои од луѓето што живееја тука ќе завршеа во затвор поради ситни кражби ако имаа друг начин да обезбедат за живот?! Зарем некој воопшто сака да ризикува такво нешто ако има друг избор?! Велат плаќајте редовно струја, плаќајте давачки…. а, ретко кој се обидува да разбере во каква ситуација сме и во какви услови живееме“, прашува Зија Х., кој со своето семејство околу пет години живее во објектот на Старата Кланица.

 

Сателитски антени на навидум домови

И приказната на Зија Х. е слична со судбините на поголем дел од ромските семејства што живеат во објектот на Старата Кланица. Меѓу нив има и такви што повеќе од три генерации се „предмет“ на работа на социјалните служби од градот, а сé уште се нема трајно решение за излез од очајната социо-економска состојба во која живеат.

„Зимно време е премногу студено за да седиме тука, оти нема прозорци, па се префрламе во друга куќа во центарот на градот, за да може да се стоплиме. Овде внатре нема ниту вода. Струја има, но постојано нé исклучуваат. Постојано прашуваме дали ќе не преселат на подобра локација, зашто тука не само што нема услови, туку е и многу опасно за децата, поради реката. Но, немаме никакви повратни информации“, вели Малике А. жител на Стара Кланица.

Многудетството како традиција од една страна е радост но, од друга и дополнителен проблем за овие жители, поради потребата да се обезбедат основни средства за храна, хигиена, школување… заради што многу од децата завршуваат во домови за деца без родители низ државава, а неретки се случаите кога тие завршуваат и во затвор.

Меѓу парадоксите што се обележје на овој стар, истрошен објект секако се и неколкуте сателитски антени како контраст на исклучително лошите услови во кои живеат овие десетина ромски семејства!

Надежта секако не недостига во старата Кланица за подобар живот за Зија, Малике и останатите.

Заедно со десетината семејства од Стара Кланица, во Штип има околу 80 семејства кои живеат во т.н. државни куќи во кои нема услови за живот. Најголем број од нив, ако не и сите, се надеваат дека барем може да се пријават за социјален стан.

Според информации од Министерството за транспорт и врски, во Штип веќе е изграден 91 социјален стан и оти наскоро се очекува да има оглас.

 

(За оваа приказна на новинарската екипа на магазинот ЕДНО помогна мотиваторот од Штип Демирша Османов)

 

ПРИЛЕП

Во Прилеп постои импровизирана населба, позната под името „Три багреми“. Таму семејствата Роми живеат во многу мизерни услови. Се обративме до Центарот за социјални работи во Прилеп со прашање што тие преземаат да им помогнат на овие луѓе. Но, оттаму посочија дека за да добиеме одговор, мора такво барање да испратиме исклучиво по писмен пат.

 

ГАЗИ БАБА

Семејство Ибраимовиќ има шест членови (родители и четири деца). Сите живеат во една соба, во која нема ниту основни средства за домаќинство. Ова семејство за огрев користи пластика и понекогаш дрва. При неповолни временски услови, тие се жалат дека им протекува вода од секаде, па поради тоа тие користат различни средства за да се заштитат – картони, тенџериња и слично. Децата се на возраст од една, три, седум и девет години. Детето кое има девет години е родено со оштетен слух, тоа е наполно глуво и кај него говорот не е развиен. Тој не посетува настава, често бега од дома и поради тоа мајка му некогаш и го заклучува. Ова дете често талка по улици. Од мајката добив констатација дека претходно посетувало настава во училиштето за деца со оштетен слух и говор, во општина Кисела Вода, кое било финансирано преку СОС детското село, но сега бидејќи средствата се прекинати, тоа седи дома. Само детето кое има седум години, е во прво одделение во О.У „Дане Крапчев“. Редовно посетува настава. Родителите немаат лични карти. Местото каде што ова семејство живее е дивоградба. Нема канализација и нема асфалтиран пат.

 

КУМАНОВО

Семејството Садиковиќ зимава остана без покрив над главата. Нејази Садиковиќ и неговата сопруга  живеат со својот оженет син и еден внук во куќа која им е доделена пред дваесетина години од Министерство за труд и социјална политика, подрачна единица Куманово. Нивната куќа е многу стара градба, па поради топењето на снегот покривот попушти и водата навлезе во нивниот дом. Поголем дел од таванот е урнат. Нејази побарал помош од Дирекцијата за заштита и спасување каде му било кажано дека тоа не е во нивна надлежност. Побарал помош и во Министерството за труд и социјална политика но, и оттаму добил негативен одговор.

 

(Информациите пак, од другите градови ги обезбедија мотиваторите Сара Сејфула од Скопје, Марјан Асановски од Куманово и Нурија Дервишоски од Прилеп)

 

[galleryview id=8]

1,037 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.